Агенцијата за национална безбедност (АНБ) документираше нов обид за проруско хибридно влијание во Македонија. Преку мрежа од псевдопортали со македонски домен, регистрирани од локални државјани, се ширеле лажни вести, се поттикнувала етничка омраза и се поткопувала довербата во државните институции и евроинтегративниот процес.
Иако АНБ во официјалното соопштение не објави конкретни имиња, описот на дејствијата директно се совпаѓа со истражувањето на „360 степени“ за мрежата на Фондацијата „Македонија“ од Софија, раководена од Виктор Стојанов — бугарски државјанин на кого му е забранет влез во земјава.
Осомничен македонски државјанин за три кривични дела
Според извори на „360 степени“, под истрага е македонскиот државјанин Александар Смиљковски (во регистарот на МАРНЕТ заведен како Александар Смиљков), кој се товари за три кривични дела:
- Предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост;
- Ширење расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем;
- Оддавање службена тајна.
При претрес во неговиот дом на 18 септември се одземени предмети и компјутерска опрема кои се предмет на вештачење. Акцијата е дел од континуираните мерки што АНБ, Обвинителството и МВР ги преземаат против проруски актери кои дејствуваат преку посредници од Бугарија.
Како функционирала пропагандната мрежа?
Истражувањето покажа дека мрежата користи најмалку пет фејсбук-страници администрирани од Бугарија, кои преземаат содржини од неколку македонски портали. Како регистратори на овие домени во МАРНЕТ се јавуваат македонски државјани, додека депонираните е-адреси за контакт воделе директно до Фондацијата „Македонија“.
Овие портали пласирале содржини насочени против македонскиот идентитет и државност, поттикнувајќи тензии меѓу граѓаните под превезот на медиумско известување.
Реакција од Софија: Потврда за истата мрежа
Дека истрагата е насочена токму кон оваа структура потврди и самата Фондација „Македонија“. Преку социјалните мрежи тие излегоа со реакција во која ги демантираат обвинувањата за руска пропаганда и тврдат дека македонските власти „апсат прозападни новинари“.
И покрај преземените полициски дејствија и запленетата опрема, спорните портали и фејсбук-страници сè уште функционираат непречено.