Во живо Ноќно студио во живо Бленди Ходаи Гледај
Македонија

Андоновски: Државните системи се распоредени на 40 локации во Скопје, неопходен е национален дата-центар

Андоновски: Државните системи се распоредени на 40 локации во Скопје, неопходен е национален дата-центар

Изградбата на национален дата-центар е неопходна за обезбедување стабилност на дигиталните услуги, заштита на државните системи и следење на глобалниот развој на вештачката интелигенција.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски посочи дека државните системи во моментов се распоредени на 40 различни локации во Скопје, што создава сериозни ризици за нивното функционирање. Тој нагласи дека Македонија нема податочни центри со голем капацитет, додека досегашните инвестиции на домашните компании се со ограничени размери.

„Ние не сме изградиле два домашни податочни центри од приватен сектор со големи размери, па сега да се размислуваме дали сакаме трет или четврти. Ние имаме нула. Инвестициите коишто досега се направени од македонските компании, коишто исклучително ги почитувам, се на микро ниво. Првпат сега имаме најава од две или три македонски домашни компании коишто ќе изградат дата-центар на мало ниво“, изјави Андоновски.

Тој предупреди дека државите кои нема навреме да развијат сопствени капацитети за вештачка интелигенција ризикуваат да станат зависни од странските технолошки компании и нивната инфраструктура.

Проектот за изградба на национален дата-центар е вклучен како индикативен проект во Планот за раст на Европската Унија, како и во реформската агенда на Македонија.

Од стопанството, пак, ја нагласуваат потребата од посериозна борба против корупцијата, која и натаму претставува значителен товар за деловниот сектор.

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, оцени дека дигиталната и енергетската инфраструктура, како и одржливиот развој, се клучни прашања што ќе го определуваат идниот економски амбиент во земјава.

„Тие прашања отвораат перспектива понатака дека бизнисот е совршено свесен во моментов за состојбите во кои се наоѓаме, а кои што ќе влијаат на севкупниот амбиент за водење бизнис во понатамошниот период“, изјави Азески.

Според него, преку отворен дијалог меѓу институциите, деловната заедница и меѓународните партнери треба да се креираат решенија што ќе придонесат за повисок економски раст, подобар животен стандард и поголема конкурентност на македонската економија.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што може да руча студент со 140 денари? | „Ноќно студио“ со Бленди Ходаи

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни