Во Собранието беа доделени државните награди „11 Октомври“, највисоки признанија за животно дело од дејности од јавен интерес на Република Македонија. Меѓу добитниците се писателот и универзитетски професор Венко Андоновски, како и лингвистот Димитар Пандев и универзитетските професори Владо Поповски и Гјулум Сар Касапи.
Во Собранието беа доделени државните награди „11 Октомври“, кои се сметаат за највисоки признанија за животно дело од дејности од јавен интерес на Република Македонија. На свеченоста се обрати добитникот на Државната награда за животно дело од областа на културата и уметноста, Венко Андоновски, кој говореше за стремежот кон врвовите и за недостигот како поттик за создавање и општествен напредок.
„Идејата да се освои некој врв не би постоела доколку не би постоел ниту одреден недостиг од нешто“, истакна Андоновски. Тој во своето обраќање направи паралела меѓу личните и колективните стремежи, посочувајќи дека и генерациите кои се упатиле кон, како што рече, врвот што тогаш се викал Народна Република Македонија, а потоа Социјалистичка Република Македонија, тргнале водени од „недостиг од леб и права“.
Андоновски изрази почит кон тие генерации и нивната жртва. „И јас, ааа, ја високо ја почитувам и благодарам, ааа, за таа пролеана крв за да се стигне до тој врв“, рече тој. Воедно, им се заблагодари на институциите вклучени во доделувањето на наградите, нагласувајќи дека признанијата отвораат перспектива за нови достигнувања. „Им благодарам на Република Македонија, на сите нејзини тела и органи кои учествуваа во доделувањето на овие награди, што ни отворија перспектива за тие наши внатрешни врвови кои допрва ќе ги освојуваме затоа што ништо не е завршено“, истакна Андоновски.
Обраќањето го заврши со порака по повод празникот: „Нека ни е честит празникот! Да живее Македонија!“.
Признанија за животно дело од областа на науката и образованието им беа доделени на лингвистот Димитар Пандев, како и на универзитетските професори Владо Поповски и Гјулум Сар Касапи. Со тоа, годинашната доделба ги опфати добитниците чии кариери се поврзани со културата, уметноста, науката и образованието.
Државните награди „11 Октомври“ се доделуваат како највисоки признанија за животно дело, а нивното врачување традиционално се поврзува со одбележувањето на празникот 11 Октомври.