Македонија

Мицкоски за односите со Бугарија: Не бараме Европа да избира, туку европските принципи да важат еднакво за сите

Мицкоски за односите со Бугарија: Не бараме Европа да избира, туку европските принципи да важат еднакво за сите

Во однос на отвореното прашање со источниот сосед, Северна Македонија не бара светот да се прилагодува на неа, туку да биде третирана со иста почит со која ги третира сите останати, порача претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во своето обраќање на свечената академија по повод 11 Октомври — Денот на народното востание.

Премиерот нагласи дека иднината нема да се гради врз омраза, ниту пак минатото ќе се користи како пречка за соработка, но подвлече дека државата нема да се откаже од сопственото достоинство.

„Вистинското пријателство се темели на заемна почит и не бара откажување од себе. Вистинската европска иднина мора да биде иднина во која ќе влеземе со исправена глава, а не со свиткана и понижена кичма. Македонскиот идентитет, јазик и историја се нашето многувековно наследство и тие не се предмет на преговарање“, истакна Мицкоски.

Со Бугарија е потребна соработка без негирање

Зборувајќи за односите со Софија, премиерот посочи дека двете земји ги поврзуваат соседството и иднината на регионот, при што за минатото може да постојат различни толкувања, но за иднината мора да постои заедничка одговорност.

  • За македонскиот јазик и идентитет: Мицкоски подвлече дека македонскиот јазик не е пречка за ЕУ, туку дел од европското културно богатство, а идентитетот не е проблем што треба да се реши, туку достоинство што мора да се почитува.
  • Порака до Европа: „Не бараме Европа да избира меѓу Македонија и Бугарија, туку европските принципи да важат еднакво за сите. Сакам идните генерации да ја наследат нашата храброст да ги решаваме проблемите, а не нашата недоверба.“

Остри критики до опозицијата и повик за национално единство

Во своето обраќање, премиерот упати и критики до опозицијата, обвинувајќи ја за недостаток на визија и подготвеност за прифаќање на какви било услови на штета на граѓаните.

„Нив ги интересираат само фотелјата и власта. Единствено во што се ‘светски шампиони’ е потпишувањето на сè што ќе им се стави на маса на трошок на граѓаните“, порача Мицкоски, повикувајќи на надпартиско единство околу клучните државни и стратешки цели.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со д-р Александра Грозданова, претседателка на комисијата за имунизација

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни