Македонија

Андоновски со отчет: Од хаос и милионски тужби, изградивме дигитален систем во служба на граѓаните

Андоновски со отчет: Од хаос и милионски тужби, изградивме дигитален систем во служба на граѓаните

Од субстандардни услови, дезорганизираност и милионски долгови, до институција за респект која испорачува реални решенија за граѓаните. Вака министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, го опиша двегодишниот пат и развојот на новото министерство на денешната прес-конференција на која поднесе детален отчет за сработеното.

Андоновски потсети дека по стапувањето на функцијата наследил хаотична состојба: тужби од приватни компании и институции во милионски износи, уништен возилен парк, како и блокирани капитални проекти – од широкопојасниот интернет до ИПА фондовите за дигитализација. За одредени злоупотреби во јавните набавки, Министерството веќе поднело и кривични пријави против поранешни функционери.

„Свесни бевме дека граѓаните не очекуваат објаснувања зошто нешто не било направено порано. Тие очекуваат решенија, рокови и резултати. Дигитализација која не ја намалува бирократијата е само технички проект, а не промена. Затоа нашиот пристап беше едноставен – помалку изговори, повеќе работа“, потенцираше Андоновски.

Меѓународен скок и рекордна транспарентност

Како клучни докази за успешните реформи во изминатите две години, министерот ги издвои меѓународните признанија и позиционирањето на државата на дигиталната мапа:

  • Рангирање од Светска банка: Според GovTech Maturity Index, Македонија забележа скок од 22 места и премина во престижната категорија А, со индекс на зрелост од 0,76 (наспроти 0,57 во 2023 година).
  • Лидер во транспарентност: Во 2025 година, Министерството беше прогласено за најтранспарентна институција во државата.
  • Регионален центар: Успешно беше организиран Дигиталниот самит на Западен Балкан, кој донесе над 1.000 учесници од цела Европа во Скопје.

Револуционерен раст на порталот „uslugi.gov.mk“

Најголемиот фокус на Министерството бил ставен на модернизацијата на националниот портал uslugi.gov.mk, кој од недоволно искористен систем, прерасна во функционален дигитален сервис.

Министерот Андоновски презентираше драстичен тригодишен раст на ефикасноста на порталот:

Показател на ефикасност2024 година2026 годинаПроцент на раст
Број на достапни е-услуги120352+193%
Месечно издадени услуги1.35413.435+892%
Вкупен број на корисници110.000267.000+142%
Поднесени барања64.000340.000+431%

Само во текот на изминатата година се регистрирани повеќе од 92.000 нови корисници, што е повеќе од вкупниот број на нови корисници во 2020, 2021 и 2022 година заедно. Преку овој систем денес целосно дигитално се издаваат изводи од матичните книги, државјанства, потврди за неосудуваност, како и одобренија за оружје. Исто така, целосно онлајн и без злоупотреби беше спроведена распределбата на студентските ваучери за над 40.000 студенти.

Услугите поблиску до граѓаните – Отворени 11 нови центри

Вториот голем приоритет на Министерството бил да ги приближи услугите и до оние граѓани кои претпочитаат физичко поднесување документи.

Додека до 2024 година во државата постоеја само пет центри за услуги (Скопје, Тетово, Куманово, Битола и Охрид), денес оваа бројка изнесува 16 социјални центри. Нови локации се отворени во Аеродром, Јагуновце, Штип, Кавадарци, Виница, Свети Николе, Неготино, Делчево, Прилеп, Струмица и Крушево.

Андоновски заклучи дека цврстите темели за модерно дигитално општество се веќе поставени, а Министерството ќе продолжи со истото темпо да го унапредува системот кој сега е јасен, проверлив и еднаков за сите.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни