По банкротот на „Томас Кук“, загубите за хотелиерите во Бугарија изнесуваат неколку милиони левови, изјави министерката за туризам на Бугарија, Николина Ангелкова, по средбата со бугарските хотелиери и туроператори.
Таа додаде дека во моментов многу е важно да се следи што се случува со подружниците на глобалната компанија, „за да не станеме жртва на домино ефектот“.
Според неа, ситуацијата е сериозна и во однос на хотелиерите, кои се соочуваат со ризик да не ги добијат своите уплати за веќе извршени услуги во јули и август.
Ангелкова рече дека гаранцискиот фонд на британската агенција за цивилно воздухопловство ги гарантира плаќањата на оние туристи кои во моментот се во Бугарија, како и од денот на објавување на банкротот.
Таа вети дека ќе направат се што е можно за да им се овозможи на луѓето што платиле за своите екскурзии да ги реализираат, како и успешно да се вратат во своите домови.