Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев и министерот за економија, Крешник Бектеши учествуваа на јубилејниот 15-ти Виенски економски форум „Дијалог за иднината 2018 – Економијата се среќава со политиката“ што денеска се одржува во Виена, Австрија.
Во фокусот на дискусијата на Виенскиот економски форум е важноста на регионалната соработка во процесот на ЕУ интеграциите на земјите од Западен Балкан, преку процесите на дигитализација, поврзување и иницијативата за формирање на регионална економска област како предуслов за интегрирање во единствениот европски пазар.
„Доколку сакаме да обезбедиме подобар живот за нашите граѓани, потребно е да ја развиеме економијата. За таа цел потребно е најпрво да ги средиме работите во нашата држава, а паралелно да работиме на градење на подобра соработка со нашите соседи, за повисоко ниво на регионална соработка. Внатрешно, во државите, во насока на креирање на подобра бизнис клима треба да работиме на креирање на програми за поддршка на стопанството, за поттикнување на нови инвестиции. Но тоа не е доволно, доколку најпрвин не се обезбеди политичка стабилност на земјата и не се обезбеди соодветно ниво на владеењето на правото“, нагласи вицепремиерот.
Вицепремиерот Анѓушев дополни дека Владата на Република Македонија веќе година и половина спроведува активности преку кои се зајакнува стабилноста и сигурноста на земјата и се разрешуваат децениски проблеми со соседите, а кои се во насока на интеграции на земјата во Европската Унија и НАТО. Тој подвлече дека во изминатиот период се потпишаа договорот за добрососедство и соработка со Република Бугарија и договорот со Република Грција, со кој се надминуваат разликите кои постоеја помеѓу Република Македонија и овие две соседни земји.
„До крајот на јануари 2019 година, Парламентот би требало да ги усвои предлозите за уставни измени, по што ќе се исполнат сите услови за да го продолжиме непречено нашиот пат кон евро- атлантските интеграции. Создадовме низа на мерки преку кои се овозможува поддршка за странски, но и за домашни инвестиции.
Исто така, преку средства од буџетот обезбедуваме поддршка за малите и средни претпријатија и за стартап компаниите. Овој сет на мерки веќе дава резултати, во изминатиот период потпишани се нови дваесетина договори со странски компании, а нивото на странски инвестиции во првата половина од годината е рекордно“, дополни Анѓушев.
Тој потенцираше дека повисокото ниво на регионална соработка, не само декларативна, туку реална, ќе придонесе за побрз економски развој, но и за одржливост не економиите на земјите во регионот.
„Можеме да креираме какви сакаме мерки за поддршка или да потрошиме десетици, стотици милиони за подобро поврзување меѓу нашите земји, за да го скусиме времето за патување, но сето тоа нема смисла доколку стоката на границите стои со часови. Треба заеднички сите недвосмислено да седнеме и да покажеме дека сакаме повисоко ниво на соработка и да се ослободиме од непотребните административни бариери, за подобра економија на секоја од земјите, но и подобар живот на нашите граѓани“, заклучи вицепремиерот Анѓушев.
