Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, заедно со членовите на Светиот архијерејски синод, упати традиционално Пасхално послание до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници по повод најголемиот христијански празник – Велигден.
Победа на животот и повик за братољубие
Во овогодишното послание, Синодот на МПЦ-ОА потсетува на суштината на христијанската вера, истакнувајќи дека Велигден е празник на победата на животот над смртта и светлина која ја прогонува темнината.
Архиепископот Стефан повикува на неизмерно смирение, простување и пожртвуваност за секој човек, следејќи го примерот на Христовото снисходење.
„Во оваа свештена велигденска радост, ние христијаните имаме голема одговорност бидејќи сме должни да ја сведочиме победоносната вест за Воскресението… Овој разгорен оган кој го проголта гревот не ни е даруван само нам, туку за целото човештво и за сиот свет“, се вели во посланието.
2026: Година на значајни црковни и државни јубилеи
Покрај духовните пораки, посланието посебно се осврнува на богатата историја на македонскиот народ и црква. Архиепископот Стефан потенцира дека ова лето Господово е во знакот на неколку исклучително важни годишнини кои претставуваат темел на македонската црковна и национална самосвест:
- 1140 години од враќањето на светите Климент и Наум во Македонија од Моравската мисија, настан со кој се поставиле темелите на Охридската книжевна школа и црковно-литургискиот живот на Охридската Црква.
- 1110 години од блаженото упокојување на свети Климент Охридски, патронот и закрилник на МПЦ-ОА.
- 150 години од кревањето на Разловечкото востание.
- 80 години од донесувањето на првиот Устав на НР Македонија, со кој се потврди возобновената македонска државност.
Завет за чување на наследството
Спомнувајќи ги овие историски меѓници, Синодот упати силна порака до верниците да го чуваат споменот за предците кои се вградиле во основата на Татковината и Црквата.
„Овие незаборавни настани нека ни бидат поттик за да ги сочуваме придобивките коишто ни ги оставиле, а потоа и да ги надградуваме, давајќи нови плодови. Светлината на Христа воскреснатиот нека нè просвети, та во братољубие, оттука, па до сите краишта на светот, до каде што нè има како народ и како Црква, да објавиме на нашиот мајчин македонски јазик: Христос Воскресна!“, се заклучува во Пасхалното послание на МПЦ-ОА.
