Градежните работи за проширување на булеварот „АСНОМ“, на потегот од крстосницата со булеварот „Србија“ до крстосницата со улицата „Васко Карангелевски“ се во тек. Изминатиов период целосно е асфалтирана десната страна од проширениот булевар, а набрзо ќе почне да се асфалтира левата страна, информира Град Скопје.
– Должината на трасата во првата фаза изнесува 845 метри, новиот булевар добива по три коловозни ленти во двете насоки, средишно зеленило, пешачки и велосипедски патеки. Ова е првата од трите фази за изградба на овој булевар, а во наредните фази ќе биде изграден мост на реката Вардар и проширениот булевар ќе се поврзе со булеварот „Гоце Делчев“.
Со целосната реализација на овој капитален проект, од градот посочуваат дека ќе се добие брзо, безбедно и модерно сообраќајно поврзување на општините Аеродром, Центар и Гази Баба.