Македонија

Авантура од 1.974 километри: Иван и Спасе ќе го освојуваат Монте Карло со Daihatsu од 2007 година

Авантура од 1.974 километри: Иван и Спасе ќе го освојуваат Монте Карло со Daihatsu од 2007 година

Додека многумина за пат до луксузниот брег на Монако избраат авион или моќни лимузини, двајца млади радовишани решија да ги срушат сите стереотипи.

Иван Младеновски и Спасе Арсов од Радовиш се подготвуваат за необичен и храбар потфат — со нивниот „Daihatsu Sirion“ од 2007 година ќе поминат повеќе од 1.500 километри за да стигнат до Монте Карло.

Авантурата официјално започнува на 13 август 2026 година, кога тимот тргнува од Радовиш. Идејата зад овој проект, како што велат за 4NEWS.mk не е само да се стигне до дестинацијата, туку да се документира секој километар, секој предизвик и секој интересен момент по патот.

Целото патување — од последните подготовки и пакувањето, преку километрите на автопатите и неочекуваните ситуации, па сè до влегувањето меѓу луксузните супер-автомобили во Монако — ќе се снима и редовно објавува на нивните профили на Instagram и TikTok.

„Целта ни е да го документираме патот од почеток до крај и да покажеме дека со добра волја, малку авантуристички дух и мало градско возило може да се стигне и до најелитните светски дестинации“, порачуваат младите авантуристи за 4NEWS.mk

Нивниот потфат веќе привлекува внимание на социјалните мрежи, а сите љубители на патувањата и добрите приказни ќе можат во живо да ги следат нивните авантури дури чекор по чекор го освојуваат патот од Македонија до срцето на Азурниот Брег.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни