Австрија ќе го задржи својот неутрален статус, рече нејзиниот министер за надворешни работи

Австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг денеска изјави дека неговата земја ќе го задржи својот неутрален статус, пренесе Ројтерс.

Две други земји од Европската унија, Шведска и Финска, ги сменија децениските позиции во надворешната политика, аплицирајќи за членство во НАТО поради руската инвазија на Украина.

Се вчитува...

„Ситуацијата ни изгледа малку поинаква“, изјави Шаленберг за германското радио Дојчландфунк, истакнувајќи дека во Австрија има голема јавна поддршка за неутралност.

Според него, Австрија, која добива 80 отсто од природниот гас од Русија, ќе продолжи да дава хуманитарна поддршка за Украина, а не смртоносно оружје.

„Ние даваме значителна помош, но не и со воена муниција. Мислам дека помошта за Украина не може да се сведе само на воена муниција“, рече тој.

Руската инвазија на Украина, која започна на 24 февруари, доведе до промени во политиките за национална безбедност на многу европски земји, забележува Ројтерс.

Финска и Шведска денеска официјално поднесоа барање за влез во НАТО, една од најзначајните промени во безбедносната архитектура на Европа во последните децении.

Швајцарија, која не е членка на ЕУ и долго време е позната по својот неутрален статус, исто така се повеќе се стреми кон приклучување кон алијансата, изјави за Ројтерс на почетокот на овој месец шефот за безбедносна политика во швајцарското Министерство за одбрана.