Граѓаните во Србија првично дознале преку неформално пренесување на информацијата дека Александар Вучиќ го признал поразот, а за само една до две минути веста станала официјална и започнало славењето на изборниот резултат. Ова го раскажа новинарот од Србија, Игор Бесермењи, во гостувањето во емисијата „Ноќно Студио“ на 4ТВ.
Бесермењи посочи дека во моментот кога се појавила информацијата се наоѓал во центарот на градот, каде што присутните почнале меѓусебно да си шепотат. Набргу потоа, еден млад човек му пристапил и му пренел дека Вучиќ го признал поразот, со повик веста да се сподели понатаму.
Сепак, како што објасни новинарот, информацијата првично била примена со неверување, бидејќи присутните биле изненадени од она што го слушнале. Во метежот и атмосферата што владеела во тој момент, тој немал можност веднаш да провери што објавуваат другите медиуми, па не бил сигурен дали станува збор за веродостојна информација.
„Во рок од минута или две, тоа стана официјална информација за сите нас“, раскажа Бесермењи, опишувајќи го моментот по кој започнало славењето на граѓаните.
Според неговото сведоштво, прославата продолжила и во наредниот период, вклучително и на плоштадот Славија. Граѓаните што ја поддржувале студентската листа и гласале за неа повеќепати се собирале за да го прослават изборниот резултат.
Славење имало и во други делови на Србија, меѓу кои и во Нови Сад, каде што Бесермењи се наоѓал во моментот на гостувањето.
Сепак, новинарот посочи дека по изборната победа фокусот постепено се префрлил од прославите кон следните чекори. Според него, студентите во блокада и студентската листа преку своите официјални канали испратиле порака дека е време за одговорност и работа, со што ставиле до знаење дека изборниот резултат е проследен и со очекувања за понатамошни активности.