Министерот за финансии, Фатмир Бесими денеска на прес конференција во Владата најави ребаланс на буџетот со кој ќе се зголеми буџетот за 162,6 милиони евра.
Со ребалансот државата ќе има рекорден буџетски дефицит од 920,3 милиони евра, или 8,4% од вкупниот БДП.
Бесими најави дека овој минус нема да се финансира со задолжувања од надвор, туку од депозитите на државата и од задолжување со хартии од вредност на домашниот пазар.
„Ребалансот се прави за да се реализира четвртиот пакет антикризни мерки, и очекуваме да донесе стабилност. Ќе придонесеме за ублажување на ударот, и ќе се создадат услови за солиден раст. Ова е една од најголемите кризи досега“, рече Бесими.
Тој додаде дека во буџетот согласно новиот ребаланс, приходите се поизиционирани на 196,4 милијарди денари, додека расходите се зголемуваат за 10,1 милијарди денари, или за 162,5 милиони евра, планирани на ниво од 253 милијарди денари.
Со дополнителните пари ќе се реализираат мерките од четвртиот пакет меѓу кои за Домашната платежна картичка – 1,6 милијарди денари (27 милиони евра). За Викенд шопинг – Викенд без ДДВ, се предвидени 17 милиони евра, а за Државна гарантна шема и царинска гаранција – 799 милиони денари (13 милиони евра). За грантови за игротеки, туристички агенции, ресторани за свадби се предвидени 5,5 милиони евра.
.
