Македонија

Бесплатно набљудување на Месечината и Сатурн во понеделник пред Камениот Мост

Бесплатно набљудување на Месечината и Сатурн во понеделник пред Камениот Мост

Љубителите на астрономијата во понеделник ќе имаат можност одблиску да ја набљудуваат Месечината и планетата Сатурн преку телескопи, на бесплатен настан што ќе се одржи пред Камениот Мост во Скопје.

Скопското астрономско друштво ги повикува учениците, студентите, родителите, љубителите на науката и сите заинтересирани граѓани да се приклучат на набљудувањето на 28 септември, со почеток во 20 часот.

Настанот го организира Граѓанско-научната космичка агенција во соработка со Скопското астрономско друштво. Освен можноста за бесплатно набљудување на небесните тела, организаторите имаат за цел да ја поддржат иницијативата за основање Македонска астрономска опсерваторија.

Иницијативата за основање на опсерваторијата официјално беше започната во јуни годинава. Подготвен е проектен елаборат во кој се опфатени научните, техничките, организациските и образовните аспекти на идната опсерваторија, а активна е и петиција за нејзино основање.

Во јули годинава до Собранието бил поднесен буџетски амандман со кој биле побарани 1,7 милиони денари за почеток на процесот за основање на опсерваторијата. Амандманот не бил усвоен, по што иницијаторите продолжиле со активности за актуелизирање на проектот и обезбедување институционална поддршка.

Од Скопското астрономско друштво посочуваат дека настанот пред Камениот Мост ќе биде можност граѓаните не само да го набљудуваат ноќното небо, туку и да се информираат за иницијативата и, доколку сакаат, да ја поддржат со потпис на петицијата.

Организаторите ги повикуваат и граѓаните кои поседуваат сопствени телескопи да ги понесат со себе. Членовите на друштвото ќе помогнат при нивното поставување за да може што поголем број посетители да учествуваат во набљудувањето.

Со оглед на тоа што настанот ќе се одржи на отворено по зајдисонце, телескопите ќе бидат насочени кон Месечината и Сатурн, кои ќе бидат главните објекти на набљудувањето.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Минчев, министер за јавна администрација 24.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни