Без камата за стар долг: Комунална хигиена со акција за граѓаните

Јавното претпријатие ЈП Комунална хигиена-Скопје информира дека започна акција наменета за корисниците кои имаат заостанати долгови евидентирани преку ЈП Водовод и канализација-Скопје, по основ на неплатени сметки за собирање и транспортирање на комунален отпад.

Со оваа мерка, на граѓаните им се овозможува да ги подмират своите обврски без пресметување камата за задоцнето плаќање. Акцијата се однесува и на редовни и на тужени долгови, со цел да се олесни нивното сервисирање.

Од претпријатието посочуваат дека можноста за отплата без камата е временски ограничена и ќе трае од 20 април до 5 јуни 2026 година. Во овој период, корисниците ќе можат да ги регулираат своите обврски под поволни услови.

Апелираат граѓаните да ја искористат оваа можност и навремено да ги подмират долговите, со што ќе избегнат дополнителни трошоци во иднина.