Во вооружени напади врз православни цркви и најмалку една синагога во Република Дагестан, дел од Руската Федерација, загинале 20 лица, а 46 се ранети, се наведува во новиот извештај што денеска го објавија властите на тоа подрачје.
„Во терористичкиот напад извршен вчера во Републиката, во Махачкала и Дербент, ранети се 46 лица, меѓу кои и цивили и припадници на силите на редот. „За жал, 20 лица загинаа“, соопшти Министерството за здравство на претежно муслиманскиот регион.
Во вчерашните координирани напади во градовите Дербент и Махачкала загинаа претежно полицајци, а беа нападнати православна црква и синагога.
Властите ги обвинија исламските екстремисти во претежно муслиманскиот регион на Северен Кавказ за нападите.
Тоа е најкрвавиот терористички напад во Русија од март, кога вооружени напаѓачи отворија оган во концертна сала во Москва, при што загинаа 145 луѓе.
Во Република Дагестан денеска е првиот ден од тридневната жалост за смртоносните терористички напади.