Вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи денеска изјави дека како Влада ќе препорачаат да нема зголемување на цената на струјата, но оти не можат да донесат таква одлука.
– За зголемување на цената на струјата би требало да оставиме на Регулаторната комисија за енергетика. Ние како Влада работиме, слушаме и ги следиме состојбите и ќе препорачаме да нема зголемување на цената на електричната енергија, но не можеме да одлучиме. Регулаторната комисија за енергетика одлучува за цената. Но, ќе работиме на подобрување на состојбите во енергетиката, на вложувањето во обновливи извори на енергија, во живеење зелено. Секако, живеењето зелено значи дека еден ден ќе мора да платиме повеќе, но јас како граѓанин сум подготвен да платам повеќе кога се работи за здравјето на мојот син, изјави Битиќи по посетата на компанијата „Пејпер мил“ во Кочани.