Бизнисменот Камчев и новинарката Трајковска сведочат за случајот Тортура

Автентичен е мојот телефонски разговор со бизнисменот Јордан Камчев, изјави пред судот новинарката Оливера Трајковска која денеска сведочи за случајот Тортура.

Изјави дека од разговорот со Камчев дознала дека за кратко време нешто ќе се случува и додаде дека таквата информација најверојатно пристигнала од тогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Пред судот денеска како сведок на СЈО ќе сведочи и бизнисменот Јордан Камчев. Предметот „Тортура“ на СЈО е за начинот на апсењето на Љубе Бошкоски во 2011 година. 

За овој случај се обвинети Сашо Мијалков, поранешниот прв човек на полициските „Алфи”, Ивица Антевски-Пуки и уште петмина припадници на единицата. Одговараат за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување, за начинот на лишување од слобода на претседателот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори. 

За денешното рочиште како сведок беше повикан и поранешниот портпарол на МВР, Иво Котевски, но според известувањата кои ги добил судот од доставувачите, во два наврати не бил пронајден на посочената адреса.

Зоран Јаневски

Извор: Сител телевизија