„Близард“ – Мајк Морхаим проговори за сексуалните вознемирувања

Долгогодишниот шеф и еден од основачите на „Близард“, Мајк Морхаим на социјалната мрежа Твитер ги искоментира обвинувања за сексуално вознемирување, злоупотреба и дискриминација на жени во една од најголемите компании за видеоигри во светот.

„До сите жени во „Близард“ кои доживеале некоја од наведениве работи, исклучително ми е жал што Ве изневерив. Слушам, Ви верувам и жал ми е што Ве разочарав“, напиша Морхаим.

Како што велат судските документи, негативната атмосфера во „Близард“ била присутна и во неговата ера.

„Бев во „Близард“ 28 години. За тоа време се обидов да создадам средина која ќе биде безбедна и отворена за луѓе од сите полови, без оглед од каде доаѓаат. Знаев дека не е совршено, но очигледно фактот дека толку многу жени биле малтретирани и немале поддршка значи дека ги изневеривме и не успеавме да создадеме безбедна средина во која луѓето ќе можат да ја раскажат својата страна на приказната. И, не е пријатно што други компании имаат слични предизвици. Сакав да бидеме различни, подобри“, додава тој.

Инаку, овие обвинувањата почнаа да се појавуваат кон крајот на јули кога многу вработени почнаа јавно да ги повикуваат водечките луѓе да променат нешто.

Претседателот на „Близард“, Џеј Ален Брек во и-мејл до вработените напиша дека обвинувањата се „крајно проблематични“.

Вработените во обвиненијата го навеле точно него како човек кој пропуштил можност да запре низа сексуални вознемирувања на вработените жени таму.