Штипската фирма „Актива“ се очекува за десет дена да почне со поставувањето на новиот мост на реката Брегалница долг 60 метри, а е дел од обиколницата, што ги спојува најголемите штипски населби со индустриските зони, најави денеска градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски.
Тој истакна дека секојдневно е во комуникација со фирмата и оттаму го уверуваат дека на железната конструкција се работи, а исто така проектот ја има поминато ревизијата и има одобрение и од Градежниот факултет во Скопје.
– Се работи за голема мостовска конструкција за која мора да бидат запазени сите стандарди и да биде со целосна ревизија. При поставувањето на мостот ќе бидат поставени и два крана, вели Бочварски.
Тој забележува дека овој проект не трпи импровизации и мора да биде согласно сите стандарди, кои се налагаат согласно законските прописи за безбедност на сите учесници во сообраќајот, бидејќи низ него ќе поминуваат и автобуси и камиони.
– Актуелната локална власт ја заврши втората фаза од обиколницата, но се чека на поставувањето на мостот, со што ќе заврши и првата фаза. Целата обиколница чини од 50 до 55 милиони денари, а само за првата фаза се издвоени повеќе од 40 милиони денари во која спаѓа и мостот, забележа Бочварски.
Реализацијата на обиколницата ќе значи и решавање на сообраќајниот хаос по булеварот „Гоце Делчев“, што е влез и излез на градот, но и кој води до индустриските зони.
