На самитот на земјите членки на Европската унија во Брисел беше одлучено Босна и Херцеговина да ги отвори преговорите за членство во Европската унија, врз основа на препораката на Европската комисија.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на социјалната мрежа Х напиша дека Европскиот совет одлучил да ги отвори преговорите со Босна и Херцеговина.
„Вашето место е во европското семејство. Денешната одлука е клучен чекор напред на вашиот пат кон ЕУ. Сега напорната работа мора да продолжи за да може Босна и Херцеговина да напредува, како што сака вашиот народ“, напиша тој.
Минатата недела Европската комисија објави извештај во кој заклучи дека Босна и Херцеговина (БиХ) доволно ги исполнува условите за започнување на долгиот пат кон членство во ЕУ.
На состанокот во декември 2023 година, лидерите на ЕУ дадоа „зелено светло“ за отворање на пристапните преговори со Украина и Молдавија, откако овие земји ги презедоа важните чекори идентификувани во извештајот за проширувањето на ЕК од 8 ноември 2023 година.
Водачите потоа ја изразија својата подготвеност да ги отворат преговорите за пристап со БиХ кога критериумите за членство ќе бидат исполнети до степенот што се бара. БиХ поднесе барање за членство во ЕУ во февруари 2016 година и доби статус на кандидат во декември 2022 година.
