Македонија

Татко и син нападнале лекар и медицинска сестра од Брзата помош во Скопје – се бараат најстроги казни

Татко и син нападнале лекар и медицинска сестра од Брзата помош во Скопје – се бараат најстроги казни

Лекар и медицинска сестра од Итната медицинска помош биле физички нападнати пред поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје. Според пријавата, нападот го извршиле татко и син, а здравствените работници се здобиле со повреди и претрпеле силен стрес.

Инцидентот се случил во саботата, кога син побарал медицинска помош за својот татко, за кого постоело сомневање дека испил антифриз. По извршениот преглед, лекарот проценил дека пациентот е контактибилен и во стабилна состојба и дека може да биде однесен на Клиниката за токсикологија со приватно возило.

По ова, настанало недоразбирање кое прераснало во физички напад врз медицинската екипа. Лекарот бил удиран по главата и телото, додека медицинската сестра исто така се здобила со повреди. Кај двајцата биле констатирани контузии и набиеници.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода 41-годишниот Ј. К. од Скопје.

Според полицијата, тој заедно со својот татко С. К., по претходно недоразбирање, физички нападнал лекар и медицинска сестра. По целосното расчистување и документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Здравствениот дом Скопје и Лекарската комора остро го осудија инцидентот и побараа најстроги санкции за одговорните, нагласувајќи дека насилството врз медицинскиот персонал е недозволиво.

За ваков вид насилство законодавството предвидува и затворска казна до пет години, во зависност од правната квалификација на делото.

Нападот повторно го актуализира прашањето за безбедноста на здравствените работници. Според изнесените податоци, околу 70 проценти од медицинскиот персонал се соочиле со некаков облик на насилство на работното место, најчесто вербално, додека приближно седум проценти биле изложени и на физички напади.

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни