Македонија

Бројот на невработени во пад, но расте неформалната вработеност

Бројот на невработени во пад, но расте неформалната вработеност

Во првото тримесечје од 2025 година, активното население во Македонија броело 795.007 лица, од кои 702.410 биле вработени, а 92.597 евидентирани како невработени, соопшти Државниот завод за статистика (ДЗС). Стапката на невработеност во овој период изнесува 11,7 проценти.

Во споредба со последниот квартал од 2024 година, бројот на невработени е намален за 2,3 проценти, додека во однос на истото тримесечје лани, падот достигнува 8,8 проценти.

Според родова структура, од вкупниот број невработени лица, 59,8 проценти се мажи, а 40,2 проценти се жени.

Паралелно со падот на невработеноста, ДЗС регистрира и раст на неформалната вработеност. Во првиот квартал од 2025 година, 90.383 лица работеле неформално – што е зголемување од 10,7 проценти во однос на четвртото тримесечје од 2024 година.

Најголем дел од неформално вработените се ангажирани во земјоделството, шумарството и рибарството (47,8%), додека значителен удел има и градежниот сектор (16,7%).

Надлежните укажуваат дека и покрај позитивниот тренд кај вработеноста, порастот на неформалниот труд претставува предизвик за пазарот на труд и за социјалната сигурност на работниците.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни