Свет

Во Полска отворен првиот автомат за таблети за абортус – активистките бараат право на избор

Во Полска отворен првиот автомат за таблети за абортус – активистките бараат право на избор

Во Варшава е отворен автомат за дистрибуција на таблети за прекинување на бременоста, кој, според активистките за правата на жените, е прв од ваков вид во светот.

Наречен „Абортомат“, автоматот е поставен во објект спроти полскиот парламент, како симболична порака до политичарите во земјата која има едно од најрестриктивните законодавства за абортус во Европа, пишува „Дојче веле“.

Автоматот располага со 22 розови прегради во кои се сместени пакети со лекови за медикаментозен прекин на бременоста. Пристапот до нив е овозможен преку посебен ПИН-код, кој се добива по пополнување медицински прашалник и негова проверка од лекар.

Полска и Малта се единствените две членки на Европската Унија кои не дозволуваат абортус по барање на жената. Во Полска прекинот на бременоста е дозволен само во случаи на силување, инцест или кога бременоста го загрозува здравјето или животот на жената.

Жените кои ќе ја прекинат бременоста не подлежат на кривично гонење, но лицата кои им помагаат можат да се соочат со затворска казна до три години.

Отворањето на автоматот предизвика реакции од конзервативните и католичките организации. Правната организација „Ордо Јурис“ го известила обвинителството, тврдејќи дека активистките со ваквата практика го прекршуваат законот.

Според податоците на организацијата „Abortion Dream Team“, околу 130 жени во Полска секојдневно бараат нивна помош за прекинување на бременоста. За споредба, минатата година во полските болници биле извршени само 851 абортус.

Прашањето за либерализација на законодавството останува предмет на политички и општествени дебати. Полскиот парламент неодамна усвои два законски предлога за проширување на условите за легален абортус и делумна декриминализација на помошта при прекинување на бременоста.

Активистките, сепак, стравуваат дека претседателот Карол Навроцки, кој се противи на абортусот, ќе го искористи правото на вето и ќе го спречи нивното стапување во сила.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што може да руча студент со 140 денари? | „Ноќно студио“ со Бленди Ходаи

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни