Судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, денеска накратко беше прекинато поради здравствени проблеми кај еден од обвинетите, за кого интервенираше Брза помош. Поради лекарската интервенција и проверката на неговата здравствена состојба, судскиот процес беше ставен во пауза.
По продолжувањето на рочиштето, обвинителството продолжи со изведување материјални докази поврзани со пожарот што избувна на 16 март 2025 година, кога покрај загинатите, беа повредени и над 200 лица.
На денешната расправа беа презентирани видео снимки и фотографии од објектот „Пулс“, и од ноќта на трагедијата, но и од периодот кога дискотеката функционирала низ годините.
Обвинителот Дарко Јакимовски изјави дека приложените материјали укажуваат на околности поврзани со безбедносните аспекти на работењето на клубот.
„Ќе може да видите дека постојат околности што се однесуваат на безбедносно значајни аспекти за работењето на овој клуб, правно легитимиран како кабаре“, рече Јакимовски.
Судскиот процес го води Дијана Груевска – Илиевска, а во продолжение на рочиштето се очекува да бидат изведени и останатите материјални докази предложени од Обвинителството.