Пожарот што вчера избувнал во близина на бачилото Ќирилевец во Националниот парк „Маврово“ бил навреме ставен под контрола, со што било спречено огнот да навлезе во едно од значајните живеалишта на дивата коза.
Во гаснењето интервенирала Службата за заштита на природата при Националниот парк „Маврово“. Благодарение на брзата реакција на терен, пожарот бил локализиран и целосно изгаснат пред да се прошири кон чувствителните природни подрачја.
Од Националниот парк информираат дека ова бил втор пожар регистриран на нивната територија во текот на истиот ден. Оттаму посочуваат дека зачестеноста на пожарите во овој период претставува сериозен ризик за природата и ја нагласуваат важноста од постојано присуство на терен и навремена интервенција.
Службата за заштита на природата секојдневно патролира и во тешко пристапни и планински предели, со цел навремено да се реагира при појава на пожар и да се заштитат природните богатства на паркот.
Од НП „Маврово“ им се заблагодаруваат на ренџерите за нивната посветеност, храброст и професионалност, а воедно упатуваат апел до посетителите да бидат особено внимателни и одговорни.
„Еден невнимателен момент може да предизвика непроценлива штета“, предупредуваат од паркот, потсетувајќи дека природното богатство на Маврово е потребно да се зачува и за идните генерации.