Македонија

Бугарија одби да ја екстрадира Ива Михајлова, Демерџиев ги нарече македонските власти „српски“

Бугарија одби да ја екстрадира Ива Михајлова, Демерџиев ги нарече македонските власти „српски“

Бугарија нема да ја екстрадира 23-годишната Ива Михајлова во Македонија, иако по неа е распишана меѓународна потерница. Бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев потврди дека барањето од македонските власти е примено, но дека Софија нема намера да ја приведе и предаде. Дополнителни реакции предизвика неговата изјава во која македонските власти ги нарече „српски“, а потоа оцени дека не направил голема грешка.

„Ниту ќе ја бараме, ниту ќе ја предадеме на српските власти. Имаме причина, таа е граѓанин на Бугарија, поради што стриктно ги применивме соодветните процедури и закони“, изјави Демерџиев во поткастот на бугарскиот новинар Мартин Карбовски.

Откако водителот го праша дали станува збор за ненамерна грешка или намерно споменување на Србија наместо Македонија, бугарскиот министер призна дека погрешил, но додаде дека тоа „не е толку голема грешка“.

Демерџиев потврди дека барањето за Михајлова пристигнало до бугарската Дирекција за меѓународна оперативна соработка, но дека одговорот е негативен. Како главна причина го посочи нејзиното бугарско државјанство.

Претходно, бугарското Министерство за внатрешни работи соопшти дека на 13 октомври добило известување од Интерпол – Скопје со барање за меѓународно пронаоѓање, апсење и екстрадиција на Михајлова. Софија се повика на својот Устав и на Европската конвенција за екстрадиција, кои предвидуваат ограничувања и можност за одбивање на предавањето сопствени државјани.

Во меѓувреме, македонските истражни органи продолжуваат да утврдуваат како Михајлова ја напуштила државата и се нашла во Бугарија.

Таа претходно за бугарските медиуми тврдеше дека границата ја преминала легално, со лична карта. Меѓутоа, македонските власти соопштија дека во официјалните евиденции нема регистриран нејзин излез преку граничните премини. И бугарската гранична полиција потврди дека нема евиденција за нејзино преминување преку македонско-бугарските гранични премини.

По 23-годишната Михајлова е распишана меѓународна потерница, а судот во Кочани ѝ определи притвор во отсуство. Таа е обвинета во предметот за сообраќајната несреќа во која загина 33-годишниот Бесим Дурмиши од Љуботен.

Случајот веќе предизвика дипломатски реакции меѓу Скопје и Софија. Македонското Министерство за надворешни работи го повика бугарскиот амбасадор, додека премиерот Христијан Мицкоски најави дека прашањето ќе биде отворено и пред меѓународните партнери.

Со одбивањето на бугарските власти да ја предадат Михајлова, останува отворено прашањето како македонските институции ќе обезбедат нејзино присуство во судската постапка, но и кој и на кој начин ѝ овозможил да ја напушти државата без евидентиран граничен премин.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Борче Треновски, универзитетски професор 15.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни