Македонија

Четири активни пожари во Македонија: Гори кај Студеничани, Прилеп, Охрид и Македонски Брод

Четири активни пожари во Македонија: Гори кај Студеничани, Прилеп, Охрид и Македонски Брод

Осум пожари на отворен простор се регистрирани во земјава до 13 часот денеска, од кои четири сè уште се активни, два се ставени под контрола, а два се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи.

Најсериозна е состојбата во Студеничани, каде што пожарот се шири на потегот од селото Моране кон Вртекица и Рамни Габер. Зафатена е мешана шума.

Активен пожар има и во Општина Македонски Брод, на месноста Видуш, во близина на селата Драгов Дол и Локвица. Таму гори ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.

Во Прилепско, активен е пожарот кај селото Чаниште, со повеќе краци. Едниот се движи кон селото Крушевица и Лопатица, вториот кон Црна Река, а третиот кон селото Орле во Општина Новаци. Зафатена е ниска вегетација.

Четвртиот активен пожар е регистриран на депонијата Буково во Општина Охрид, каде што гори отпад.

Два пожари се ставени под контрола. Едниот е во село Копанце, Општина Јегуновце, каде што гори мешана шума, а другиот е во Делчево, на депонија.

Во текот на денот се изгаснати уште два пожари. Во Општина Сарај бил регистриран пожар кај селото Рашче, каде што горела ниска вегетација, додека во Општина Струмица пожарот на потегот Просениково – Сарај зафатил отпад.

Од ЦУК информираат дека состојбата со пожарите се следи на терен.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни