Слабиот квалитет на грозјето годинава доведе до низа проблеми, но и покрај тоа државата ќе стори се за да се откупи грозјето, изјави министерот за земјоделство Арјанит Хоџа. Тој рече дека изминативе денови постојано е на терен во Тиквешијата и во разговор со лозарите донесени се решенија да им се помогне при откупот на грозјето и тоа да биде преземено во што поголемо количество за да не дојде до тоа да остане во лозјата.
„Оваа година во лозарството има речиси елементарна непогода но со нашите мерки сите лозари што ќе го предадат грозјето добиваат 8 денари од државата, ако се земат сите мерки заедно, и плус тоа што ќе добијат од откупувачите. Нормално ја следиме ситуацијата, секој ден, час сме во контакт со Државниот инспекторат за земјоделие, се присутни на лице место, правиме максимални напори, но свесни сме за ситуацијата, свесни се и лозарите“, вели Арјанит Хоџа.
Изминативе денови во Кавадарци преку три винарии се врши откупот на грозјето, за што лозарите добиваат до 4 денари за килограм, зависно од процентот на шеќерност на грозјето, плус државните субвенции. Вчера доцна попладнето дојде и до револт кога Вардар Винарија го стопирала откупот а лозарите кои со часови чекаа со 50-ина преполни трактори грозје се заканија дека ќе го истурат целиот род пред пунктот. На ова реагираше градоначалникот Митко Јанчев кој дошол на самото место и со негова интервенција била смирена напнатата состојба, а откупот останал да го следи до раните утрински часови. Таму бил и претседателот на Здружението „Напредни лозари“ Трајче Кулев кој за КТВ изјавил дека се вложуваат максимални напори да се откупи целиот род и рече дека е задоволен од тоа што државата го субвенционира откупот.
„Со моето Здружение сакам на сите до зрно да му биде откупено грозјето. Ако остане на нивите, државата да смогне сили и тоа грозје да биде подмирено од државата, бидејќи ние немаме друг излез, освен тоа што сме го произвеле да го дадеме во некоја винарија и да добиеме профит од тоа, бидејќи ние од тоа живееме“, посочи Трајче Кулев.
„Сакам сите пратеници без разлика на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да седнат на клупа и да изнајдат начин за овие луѓе тука што се насобрани да најдат начин каде треба да оди грозјето“.
Лозарите деновиве брзаат да го соберат и да го предадат грозјето, поради тоа што во наредните денови се најавува дожд, што дополнително ќе го уништи квалитетот на родот, кој годинава поради временските услови е со далеку пониска шеќерност од 18 проценти.
.
