Министерството за одбрана и синдикатите кои претставуваат 99,9 проценти од вработените се во завршна фаза од преговорите за новиот Колективен договор за Армијата. По вчерашната средба, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, соопштија дека се усогласуваат околу 20 члена кои директно ќе ги подобрат условите за работа на припадниците на одбраната.
Мисајловски истакна дека во преговорите се бара најдоброто решение со цел да се обезбеди максимална правна и финансиска заштита за сите вработени.
„Некаде имаме исто мислење, некаде различно, но сите синдикати тука зборуваат со иста цел — како да биде подобро. Ние гледаме тоа да го овозможиме согласно финансиските импликации. Колективниот договор сега максимално се почитува, што ќе го спречи одлевањето пари по судови“, изјави Мисајловски.
Министерот посочи дека во изминатите две години од буџетот се исплатени над 26 милиони евра за заостанати тужби кои датираат уште од 2019 година. Со доследното почитување на новиот договор, државата очекува драстично намалување на судските процеси, со што средствата наместо за судски трошоци ќе се насочат директно кон армискиот кадар.