Македонија

Четири лица починаа од западнонилска треска, во Македонија 38 заболени

Четири лица починаа од западнонилска треска, во Македонија 38 заболени

Бројот на заболени од западнонилска треска во земјава продолжува да расте, а досега се регистрирани и четири смртни случаи. Според најновите податоци на Институтот за јавно здравје, заклучно со 18 август има вкупно 38 случаи, од кои 36 се потврдени, а два се водат како веројатни.

Најголем дел од случаите се регистрирани во Скопскиот регион – 37, додека еден пациент е од Велес. Меѓу заболените има 28 мажи и 10 жени.

Четворицата починати се мажи на возраст од 62 до 83 години од Скопје, кои биле хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести. Кај тројца од нив биле присутни и други заболувања, а сите смртни случаи биле поврзани со невроинвазивна форма на западнонилска треска.

Само во периодот од 12 до 18 август биле регистрирани 12 нови случаи, од кои тројца пациенти починале. За споредба, на 27 јули во земјава биле евидентирани осум случаи – седум потврдени и еден веројатен.

По прогласувањето на епидемија во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром и Бутел, продолжуваат засилените активности за контрола на комарците. Се спроведуваат ларвицидни и адултицидни третмани, со авионска и терестичка дезинсекција во Скопје и во повеќе околни општини, меѓу кои Арачиново, Зелениково, Илинден, Петровец, Сопиште, Чучер Сандево и Велес.

Дополнително се третираат и стоечки води во погодените подрачја, кои претставуваат погодни места за размножување на комарците.

Во тек е и СМС-кампања за информирање на населението. Предвидено е да бидат испратени околу 38.500 пораки со препораки за заштита од убоди. На 18 август биле испратени 6.526 пораки, а преостанатите ќе се доставуваат постепено. Според надлежните, околу 70 отсто од доставените пораки биле прочитани, а граѓаните го посетиле и линкот со дополнителни информации.

Здравствените власти апелираат граѓаните да не оставаат стоечка вода во дворовите, редовно да ги чистат олуците и да постават заштитни мрежи на прозорците и вратите. Се препорачува употреба на репеленти, носење облека со долги ракави и панталони, како и избегнување подолг престој на отворено во зори и самрак, кога комарците се најактивни.

При појава на висока температура, главоболка, вкочанетост на вратот или други симптоми, граѓаните треба навремено да побараат лекарска помош и да го информираат лекарот доколку престојувале во подрачја каде има регистрирани случаи.

Од ИЈЗ информираат дека во тековната сезона досега нема регистрирано заболено дете. Еден од пациентите е на возраст од 20 до 29 години.

Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека се преземаат сите расположливи мерки за справување со состојбата, а за петок најави состанок со надлежните институции посветен на проблемот со застоените води.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни