Српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ денес објави дека припадници на Министерството за внатрешни работи заплениле приближно два тона марихуана и уапсиле две лица осомничени за сторено кривично дело неовластено производство и трговија со наркотични дроги.
Како што соопшти неговиот кабинет, припадници на Министерството за внатрешни работи, Управата за криминалистичка полиција, во соработка со Вишото јавно обвинителство во Белград, заплениле вкупно приближно два тона марихуана и ги уапсиле М. С. (28) и И. И. (47), под сомнение за сторено кривично дело неовластено производство и трговија со наркотични дроги.
Тие беа уапсени во Белград додека предаваа 50 килограми марихуана, а потоа полицајците ги пронајдоа возилата во кои беше складирана дрогата и ја запленија преостанатата количина марихуана, беше наведено.
