Со законот за употреба на јазиците, политиката создаде правен хаос кој резултираше со политички хаос, недоверба и дилеми, вели претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, во интервју за МИА. Во врска со тоа дали Уставен суд ќе го укине или ќе го остави во сила законот за јазиците, Костадиновски вели дека судот ќе донесе аргументирана одлука со правно-уставна основа.
„Она што е важно е да се видат објективно аргументите во одлуката каква и да е пред да се дава каков било коментар. Одлуката на Судот треба да биде почитувана и прифатена како израз на зрелост на политиката и на општеството, одлуката да биде ориентир рамка за делување на законодавецот“, вели Костадиновски.
Костадиновски додава дека спроведувањето на законот за јазици создава проблеми, без да прецизира какви проблеми, алудирајќи на забелешките што излегоа од Венецијанската комисија. А за да не се случи тоа, од 1 септември стапува во сила новиот судски акт со кој се предвидува рок од шест месеци Владата да го подобри законот за јазиците, односно да ги отстрани констатираните забелешки и дилеми.
А бидејќи законот, како што најави самиот Костадиновски, може да се укине, реагираат од Европскиот фронт. Бараат да не се задира албанскиот јазик, а предупредувањата за „отстранување на дилемите“ ги гледаат како политички мотивирани. Овие теми немаат дилеми и се затворени со уставните амандмани и други закони кои се во сила, велат од Европскиот фронт.
„Евентуалните дилеми се решени во највисоката законодавна институција, во Собранието на РСМ и поголемиот дел од нив со политички консензус и со одобрение на експерти од полето. За сите овие достигнувања кои на земјата и обезбедија меѓуетничка кохезија, еднаквоста на етничките заедници и граѓаните воопшто, како и евроатлантската иднина, гарантираа меѓународниот фактор, САД и земјите-членки на ЕУ“, велат од Евроспки фронт.
Од Европскиот фронт велат дека отворањето на вакви теми и евентуалното укинување на законот води кон враќање на Северна Македонија во времето пред Охридскиот договор.
Реагираше коалицијата ВРЕДИ, дел од владината коалиција. Иницијативата во Уставниот суд ја сметаат за обид за државен удар. Велат дека не сакаат да ја нарушат независноста на Уставниот суд, но додаваат дека доколку овој закон се користи за дневна политика ќе донесе ризици.
„Со оглед на фактот дека иницијативата доаѓа од анти НАТО партија која го глорифицира комунистичкиот режим на Енвер Хоџа, најмалку што очекуваме, истата да се отфрли со констатација дека е обид за државен удар. Особено што станува збор за оспорување на процесот на стапување на сила на Законот за употреба на јазиците, без да навлегува во неговата содржина“, изјавуваат од ВРЕДИ.
Од ВРЕДИ упатија прашање до Европскиот фронт зошто не ја отфрлиле оваа иницијатива додека беа на власт, особено кога на чело на Уставниот суд беше токму Сали Мурат, сега пратеник на Европскиот фронт?
Инаку, предметот за уставноста на законот за јазици е формиран во 2019 година со 13 иницијативи од граѓани, здруженија и политички партии. Покрај законот за јазик, Уставниот суд мора да донесе одлука и за Балансерот.

