Македонија

По одземањето на лиценцата на „Креди Јес“ долговите остануваат, освен ако судот не одлучи поинаку

По одземањето на лиценцата на „Креди Јес“ долговите остануваат, освен ако судот не одлучи поинаку

Откако Министерството за финансии ѝ ја одзеде лиценцата за работа на компанијата за брзи кредити „Креди Јес“, се отворија бројни прашања кај граѓаните кои имаат активни договори и долгови кон ова финансиско друштво. Најголем дел од нив се интересираат дали по затворањето на компанијата нивните обврски престануваат да важат или постои можност за делумен или целосен отпис на долговите.

Од Министерството за финансии појаснуваат дека управителот на компанијата, согласно законските обврски, е должен во рок од 15 дена да започне постапка за ликвидација или да поднесе предлог за отворање стечајна постапка пред надлежен суд, а за тоа да го извести Министерството.

„Со потпишувањето на договорот, двете договорни страни ги прифаќаат правата и обврските утврдени во договорот. Ништовност на договорите може да утврди само суд. Граѓаните имаат право да ги оспорат склучените договори со кое било финансиско друштво пред надлежен суд, согласно одредбите од потпишаниот договор“, велат од Министерството за финансии.

Според важечката законска регулатива, договорите за кредит остануваат на сила сè додека долгот не биде целосно исплатен, страните не постигнат нов договор или судот не одлучи поинаку. Сепак, доколку се утврди дека компанијата применувала незаконски камати, злоупотребувачки клаузули или постапувала спротивно на Законот за заштита на потрошувачите, граѓаните ќе можат судски да ги оспорат своите обврски.

Во образложението за одземањето на лиценцата, Министерството наведе дека при извршениот надзор биле утврдени сериозни прекршувања на законските одредби и практики со кои корисниците на финансиските услуги биле директно изложени на ризик.

„Надзорот утврди тешки прекршувања на законските одредби, постапување спротивно на правилата за заштита на потрошувачите и практики со кои граѓаните биле директно доведени во ризик. Поради сериозноста на утврдените неправилности, Министерството за финансии донесе одлука за одземање на лиценцата за работа на финансиското друштво“, информираат од Министерството.

Со одлуката беа затворени околу 40 филијали на „Креди Јес“ низ државата, а околу 120 вработени добиле известување за прекин на работниот однос.

Компанијата беше присутна на македонскиот пазар од 2019 година и важеше за една од најголемите фирми во областа на брзите потрошувачки кредити.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни