Дали грипот ќе го одложи второто полугодие?

Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), д-р Марија Андоновска, денеска истакна дека зголемениот број на заболени од грип е очекуван за овој период од годината. Пикот на сезонскиот грип се очекува во втората половина од јануари до првата половина на февруари, со почетокот на второто полугодие од учебната 2025/2026 година.

На новинарско прашање дали ќе се препорача одложување на наставата, д-р Андоновска рече дека ИЈЗ ќе ја следи епидемиолошката состојба и во зависност од бројот на заболени ќе даде препораки до Министерството за образование и наука.

Се вчитува...

Во периодот од 29 декември до 4 јануари, пријавени се 1.725 случаи на грип или заболувања слични на грип, што е 2,2 пати повеќе во споредба со претходната недела (771 случај). Споредено со првата недела од минатата сезона (331), бројот е зголемен за 5,2 пати, а во однос на просекот од последните 15 сезони (1.244) – за 38,7%.

Директорката посочи дека во првата недела од 2026 година, пријавената инциденца е 92,52 на 100.000 жители, што ја надминува границата за средна активност на грипот на национално ниво.

Според возрасната дистрибуција, најмногу заболени се:

15–64 години: 749 лица

Деца 5–14 години: 618 лица

Деца 0–4 години: 229 лица

Над 65 години: 129 лица

Највисока инциденца (287,7/100.000) е забележана кај децата од 5 до 14 години.

Најмногу случаи се пријавени во Скопје (716), Тетово (339), Куманово (150), Велес (109), Штип (60), Дебар (54), Гостивар (49), Прилеп (45), Охрид (44), Битола (40) и Струмица (38). Во останатите градови бројот на заболени е под 30.

Активноста на грипот е многу висока во Дебар, висока во Велес и Тетово, и средна во Скопје, Куманово и Штип.

Во сезоната 2025/2026, досега се регистрирани 3.825 случаи, што е 2,8 пати повеќе во споредба со истиот период минатата сезона (1.355), а зголемување од 20,6% според моделот на последните 15 сезони.