Поранешната грчка министерка за надворешни работи, Дора Бакојани, тврди дека лично го напишала заклучокот на НАТО од самитот во Букурешт во 2008 година, со кој приемот на Македонија во Алијансата беше условен со решавање на спорот за името.
Во својата автобиографија „Една жена“, чии извадоци ги објави грчкиот весник „Та неа“, Бакојани открива детали од дипломатските преговори и разговорите со тогашната американска државна секретарка Кондолиза Рајс.
Според нејзиното сведоштво, Рајс преку американски маринец побарала од неа да го формулира текстот за Македонија. Бакојани го напишала заклучокот, го покажала на тогашниот грчки премиер Костас Караманлис, по што текстот бил доставен до американската државна секретарка, која се согласила со предложената формулација.
Само неколку дена пред самитот, Рајс во телефонски разговор побарала од грчката страна да го прифати членството на Македонија во НАТО под привремената референца ПЈРМ.
„Само преку мене мртва“, ѝ одговорила Бакојани, според нејзиното сведоштво.
Поранешната шефица на грчката дипломатија открива дека уште во 2007 година со Караманлис договориле Грција да прифати сложено име со географска одредница за севкупна употреба, но инсистирале решението да биде постигнато пред Македонија да добие покана за членство.
Во автобиографијата таа се осврнува и на средбата со тогашниот македонски премиер Никола Груевски во март 2008 година, опишувајќи ја како една од најнепријатните средби во својата дипломатска кариера.
Три години по самитот во Букурешт, Меѓународниот суд на правдата во Хаг утврди дека Грција, противејќи се на приемот на Македонија во НАТО, ја прекршила Привремената спогодба од 1995 година.
Македонија доби покана за пристапни преговори во 2018 година, по потпишувањето на Преспанскиот договор, а на 27 март 2020 година стана 30. членка на НАТО.