Дали на Македонија и треба прогресивен данок? Државата би инкасирала 25 милиони евра - 4NEWS.mk
Поврзи се

Македонија

Дали на Македонија и треба прогресивен данок? Државата би инкасирала 25 милиони евра

Многу критики и поделени мислења за иницијативата на Владата за да се премине од рамен на прогресивен данок. Министерот за финансии, Драган Тевдовски очекува со новата реформа, годишно да се соберат околу 25 милиони евра од богатите, пари со кои ќе им се помогне на сиромашните.

25 милиони евра кои би се добивале од прогресивниот данок не се сериозни за да се смени начинот на оданочување, смета професорот по економија Горан Петревски. Тој предлогот на владата го нарекува “ниту девојка ниту риба“ и дека нема да функционира во Македонија бидејќи е мала богатата класа.

 Петревски исто така прогресивниот данок го смета за неправеден, поради фактот дека еднакво ги третира богатите со многу високи примања, кои имаат фабрики или се акционери, со професорите, инженерите или лекарите кои прогресивниот данок ќе го плаќаат од сопствениот труд.

На денешната јавна расправа, поранешниот гувернер Петар Гошев ја поддржа иницијативата на Владата да се врати прогресивниот данок, додавајќи дека богатите се тие кои го измислиле рамниот данок.

Најмногу критики за измени на начинот на оданочување имаа претставниците на стопанските и бизнис коморите, кои велат дека прогресивниот данок е демотивација за инвестирање во Македонија. Критики упатија и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во чие време се смени начинот на оданочување. Меѓутоа од Владата велат дека со оваа реформа ќе се постигне поголема рамнотежа меѓу граѓаните и порастот на буџетските средства. Доколку Собранието го усвои прогресивниот данок, 1% од населението во земјава, наместо 10% ќе треба да плаќаат данок од 18%.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ

Извор: ТВ21

Реклама
Реклама