Дејан Давидовски се предаде на „Деве Баир“, 7 години беше во бегство поради настаните во Собранието на 27 април

По седумгодишно бегство, Дејан Давидовски Дешо утринава се предал на граничниот премин Деве Баир при влез во Македонија од Бугарија. Од снимките на канал 5 телевизија се гледа дека на македонската граница Давидовски бил пречекан од адвокатите Тони Менкиновски и Ване Андреев. Откако ја премина границата тој се прекрсти и ја бакна земјата по што ги предаде документите на пасошката контрола. Давидовски беше осуден за случајот со упадот во Собранието на 27 април 2017 година, а беше баран со меѓународна потерница како осомничен за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Од МВР не даваат конкретни детали, а во соопштението оттаму се наведува дека бил приведен на пасошка контрола.

„На 25.08.2024 година во 10.30 часот на Граничниот премин Деве Баир, на влез во Република Северна Македонија се пријавил Д.Д. 43 години од Скопје и при редовната пасошка контрола е констатирано дека евидира на стоп листата со мерка „лиши од слобода“ за кривично дело по член 313 од Кривичниот законик за кој од страна на Основен суд Скопје 1 на 18.12.2017 е одредена мерка притвор, по што лицето е лишено од слобода“, стои во соопштението на МВР.

Враќањето на Давидовски во земјава се совпаѓа по смената на власта на чие чело е ВМРО-ДПМНЕ, а особено откако новиот директор на Управата за извршување санкции Александар Пандов потпишал да бидат пуштени од затвор осудените за 27 април со објаснување дека имале документација за здравствен проблем.

„Како вд директор на Управата за извршување санкции единствено што можам е ако дојде барање од затвореник кој што ќе достави документација дека има акутен здравствен проблем потпишан од специјалист дека мора да изврши здравствен зафат јас немам право да го одбијам тој. Факт е дека неколку, сега немој да ме фаќате за збор точно колку се, тројца, четворица, петорица.“, рече Пандов.

Давидовски по отворањето на процесот за 27 април беше меѓу 33-та обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста при нападот на Собранието, но набрзо потоа избегал и по него беше распишана меѓународна потерница. Тој пред 5 години бил уапсен на аеродромот во Шведска непосредно по неговото слетување таму, но потоа Врховниот суд на земјата го одбило барањето на Македонија за екстрадиција.