Велики Четврток: на Тајната Вечера – се вапцаат велигденските јајца, домаќинките треба ова да направат пред изгрејсонце

На светиот и велики четврток, светите Отци, коишто добро го уредија превземеното од светите Апостоли, од светите и божествени Евангелија, ни предадоа денес да празнуваме четири настани: светото миење на нозете на учениците, Тајната Вечера т.е. нам предавањето на страшните тајни, чудесната молитва и самото издавање.

Бидејќи јудејската пасха мораше да биде направена во петок, а бидејќи приличеше вистината да биде во согласност со праобразот, т.е. тогаш и Христос да биде принесен како Пасха за нас, Господ Исус Христос, по зборовите на светите Отци, ја направи Пасхата со учениците пред тоа, во четвртокот навечер. Таа вечер, и целиот петок Јудејците ја сметаат како еден ден.

Тоа го направи за да не биде престапник на законот. Потоа покажувајќи им го на учениците направеното, им ја предаде тајната и на нашата Пасха, во големата горна одаја, кога веќе беше настапила ноќта. Гледате дека тоа не беше законска пасха: тука се седи, тука има вечера, леб и вода, а таму сè е печено на оган и бесквасно.

Како што велат стиховите на Тајната Вечера: Двојна вечера се поставува: Пасха законита, и Пасха нова – Крвта и Телото Господови. На Велики Четврток, Господ Исус Христос ја востанови светата Тајна Причест, со зборовите: „Земете, јадете, ова е Моето Тело“ и „Пијте од неа сите, ова е Крвта Моја на Новиот Завет, која за вас и за мнозина се излева, за отпуштање на гревовите“ (Мт. 26:26-28).

Овие зборови можат да се слушнат на секоја Света Литургија, чијшто централен дел е Светата Причест. Господ Исус Христос со миењето на нозете ги поучува учениците да не бараат старешинство. Миејќи им ги нозете, исто така, им покажа дека ќе се возвиси секој што себе си се понижува. После вечерата се упатија на Маслиновата гора, во местото Гетсиманија, каде што, како што велат стиховите од богослужбата од лицето Христово течеше: пот како капки крв, и: со молитвата ги фаќаш непријателите за смртта навистина да ја уништиш.

Потоа Јуда, со војници и народ, му се приближи на Исуса Христа, го целива – со тоа давајќи им знак дека е тој. Тие го фатија и врзан го доведоа во дворот на првосвештеникот Ана, кадешто веќе се беа собрале обвинителите Христови: фарисеите и книжниците. Ние, значи, празнуваме и со страв правиме спомен на тие страшни и неискажани настани и дела..

Денес е Велики четврток, ден кога се фарбаат велигденските јајца. Сега се наоѓаме во средината на Страдалната седмица, седмица која е полна со важни настани за спасението на човекот.

Главен обичај што се изведува на овој ден и со посебно внимание е вапцувањето на велигденските јајца.

Според обичајот најпрвин се вапцувале три јајца во црвена боја, а потоа и другите. Се верува дека првото јајце било наменето на Господ и се викало Господово јајце, второто на домаќинот – главата на семејството, а третото на стоката и бериќетот. Особено повеќе обичаи и верувања се поврзани со јајцето првак за кое се верува дека има волшебна моќ. Тоа подоцна стои пред иконата, со него се враќа облак, се лекуваат болести кај луѓето и стоката, тоа заштитува од пожар, гром и сл.

Јајцата ги вапцува домаќинката рано наутро пред да изгрее сонцето, зашто се верувало дека ако тоа се направело подоцна јајцата ќе се засмрдат. Вапцани пред да ги види сонцето, овие јајца, особено првакот, не се расипуваат и по неколку години. Кога ги вапцува јајцата домаќинката мора да има нешто јадено или да има каснато барем еден залак леб, зашто ако тоа го прави на гладно срце, јајцето може да ја разбие, да се разболи или да е несреќна, а и таа ако го разбие тоа ќе ја загуби магиската моќ.

Насекаде во Македонија, на Велики четврток, рано пред изгрејсонце, првото јајце се става во сито и се обесува на дирекот од куќата или на друго место спроти сонце за да го видат првите сончеви зраци. Во некои краишта во ситото ставаат едно во други две или три јајца. Исто така, во некои краишта во ситото ставале и жито, некаде и срп за богат бериќет или сукало. Ситото било покривано со црвен машки појас или со друга ткаенина но секогаш со црвена боја.

По вапсувањето на јајцата, но пак рано пред изгрејсонце, домаќинката го земала јајцето првак и на децата, уште додека биле в постела, им минувала три пати по лицето зборувајќи: „Црвено, бело, дебело“ или: „Црвено бело здраво и живо“, што значи да се дебели како јајцето, но и црвени во образите, што е ознака за здравје и напредок.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното