Денеска започнува јубилејното 60 издание на Струшките вечери на поезијата

Денеска во Струга почнува јубилејното 60. издание на Меѓународниот поетски фестивал Струшки вечери на поезијата.

Ќе се одржи под посебни протоколи за заштита на населението од Ковид-19 и без дел од традиционалните содржини.

Официјалното отворање ќе биде вечерва на летната тераса во хотел „Дрим“, а претходно на летната сцена во центарот за култура „Браќа Миладиновци“ ќе биде отворена изложба „60 години Струшки вечери на поезијата“.

Оваа година ќе изостане традиционалното садење дрвце во Паркот на поезијата во чест на лауреатот, поради неможноста да присуствува добитничката на Златен венец, британската поетеса Керол Ен Дафи. Според најавите, лауреатот ќе има видеообраќање и поетско читање.

Јубилејното фестивалско издание ќе се одржува под мотото „Извишени сведоштва, возвишени стихови“, што според НУ Струшки вечери на поезијата, го потенцира значењето на Паркот на поезијата и симболиката на засадување дрво од лауретите секоја година, како чин со кој се одбележува растежот на фестивалот.

Најголем дел од поетските читања и портретите на фестивалот ќе се одржуваат на летната тераса во хотел „Дрим“ и на летната сцена во Центарот за култура, а најавено е присуство на 30-ина поети од земјава и светот.

Манифестацијата завршува в недела со меѓународното поетско читање „Мостови” и врачување на наградитe, „Браќа Миладиновци” и „Мостови на Струга”, на летната тераса во хотел „Дрим“.

Фестивалот ќе се одржува со целосно почитување на најновите мерки за заштита од коронавирусот.

„Физичкото присуство на публиката ќе биде ограничено поради капацитетот на просторот и поради протоколите за заштита, со задолжително приложување на сертификат/потврда за извршена вакцинација, односно примена најмалку прва доза вакцина или сертификат/потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст“, соопшти установата.