Десет возачи биле лишени од слобода во текот на изминатото деноноќие на територијата на целата држава поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со возило“.
Од МВР информираат дека дури деветмина од приведените управувале возило без возачка дозвола. Меѓу нив имало и двајца малолетници.
Во еден од случаите, возач предизвикал сообраќајна незгода во која била причинета материјална штета, додека едно лице управувало возило под дејство на алкохол.
По целосното документирање на случаите, против возачите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Од полицијата повторно апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите и да не управуваат возило без положен возачки испит, со изречена забрана за управување или под дејство на алкохол.
„Само со одговорно однесување на сите учесници можеме заеднички да придонесеме за поголема безбедност во сообраќајот“, посочуваат од МВР.