4NEWS.mk

Дескоска смета дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за технички министер за внатрешни работи е противуставен

Министерката за правда Рената Дескоска, која е и универзитетски професор по уставно право, се огласи на својот Фејсбук профил за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за технички министер за внатрешни работи.

– Покрај толку советници од Правен, да пуштиш противуставен предлог?!, напиша Дескоска на Фејсбук.

Нејзиниот став го заснова на членот 97 од Уставот, што пропишува: „Со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години“.

Дел од медиумите претходно објавија дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за технички министер за внатрешни работи е Драган Ковачки, кој доаѓа од АРМ и е со чин полковник. Тој има долга кариера во војската, меѓудругото и како Командат на 1. механизирана пешадиска бригада.

Претходно, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на средбите со лидерот на ДУИ Али Ахмети и со премиерот Зоран Заев, го презентираше предлогот на партијата за министер за внатрешни работи во преодната Влада, и рече оти се работи за професионалец и човек со исклучително богата кариера во службата онаму каде што досега работел.

Заев по средбата со Мицкоски рече дека се работи за воено лице и оттука излегува дилемата дали Уставот согласно член 97 тоа го дозволува, Законот за служба во Армијата и Законот за служба во МВР. Посочи дека ќе се консултираат со експертите по ова прашање.

Ахмети по средбата со Мицкоски рече оти за нив е прифатлив предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за технички министер за внатрешни работи. Ахмети рече дека тоа е докажан професионалец кој не бил познат како политички активист, ниту, пак, активен во цивилното општество.

Извор: Сител телевизија

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни