Детектор анкета: Во продавниците има доволно производи но тие се поскапи поради корона кризата

Граѓаните сметаат дека во продавниците може да се купат сите производи но поради корона кризата, нивните цени бележат зголемување. Вакви податоци дава најновата анкета која за Детектор ja спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според неа, 53,3% од граѓаните велат дека се задоволни од мерките и понудите на банките за време на кризата додека 24% велат дека не се. 

59,8% од граѓаните веат дека цените на храната и лековите се зголемени, 28,4% велат дека цените останале исти, додека 4,9% сметаат дека имало поевтинување.

Сепак, граѓаните се на ставот дека во продавниците ги има потребните производи. 86,1% од анкетираните велат дека кога пазаруваат успеваат да ги најдат сите производи во продавниците, додека 12,6% велат дека не можат секогаш се да купат.

24,1% велат дека во продавниците најтешко се наоѓа брашно, 21,3% средства за дезинфекција и чистење, додеа по 12,1% велат дека кога пазаруваат најчесто им недостасува тоалетна хартија и овошје и зеленчук.

Најголем дел од граѓаните или 38,1% велат дека пазаруваат неколку пати неделно, 28,3% во продавница одат еднаш во неделата додека 20,7% во супер маркетите по храна и други основни потреби одат секој ден. 7,7% рекле дека пазаруваат неколку пати месечно, 2,8% само еднаш месечно, а 1,6% и поретко од еднаш во месецот.

Купувањето главно се прави со директно одење во продавниците бидејќи 72,5% од анкетираните велат дека во овој период на корона вирусот не ја користеле можноста за онлајн купување, додека онлајн шопинг правеле 21,4% од граѓаните. 

Повеќе од половина од анкетираните или 56,5% велат дека не очекуваат недостаток на храна и лекови поради корона вирусот додека 20,6% стравуваат дека тоа може да се случи. 

Во однос на анкетата која ИПИС за Детектор ја спроведе во март, може да се забележи намалување на бројот на граѓани кои очекуваат недостаток на храна и лекови поради корона кризата и тоа од 32,6% во март на 20,6% во април и раст на бројот на граѓани кои не очекуваат недостаток на храна и лекови од 50,4% во март на 56,5% во април. 

Истражувањето на јавното мислење по нарачка на Детектор телефонски го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1123 испитаници во периодот од 21 до 24 април со маргина на грешка од плус-минс 3%.

Извор: Сител телевизија