Девет лица се повредени во експлозија на главниот плоштад во Акапулко, луксузно мексиканско одморалиште на брегот на Пацификот, соопштија денес локалните власти.
Обвинителството во јужната мексиканска држава Гереро не прецизираше што ја предизвикало експлозијата вчера доцна навечер, но рече дека некои од повредените имаат изгореници, што укажува на употреба на запалива направа.
– Една од жртвите е бебе кое е во тешка состојба – се наведува во соопштението за печатот кое го пренесува АП.
Официјалните лица не кажаа дали жртвите се локални жители или туристи, но главниот плоштад во Акапулко е популарен и кај жителите и кај туристите.
Претходната недела, на улица во Акапулко беа пронајдени осакатените тела на петмина убиени, а една од жртвите беше кандидат за место во општинскиот совет во блискиот град Кохука де Бенитез.
Иако насилството во Акапулко не е невообичаено, масовните случајни напади врз минувачите на плоштадите во градот сè уште се релативно ретки.