Македонија

Девет лица приведени низ државата поради дрога, наркотични средства пронајдени и во Затворот Идризово

Девет лица приведени низ државата поради дрога, наркотични средства пронајдени и во Затворот Идризово
Фото: 4news.mk

Во повеќе одделни полициски акции спроведени во текот на изминатото деноноќие, девет лица се лишени од слобода на различни локации низ државата поради поседување дрога, а наркотични средства биле откриени и кај осуденик во Казнено-поправната установа Затвор Идризово.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека на подрачјето на Скопје биле приведени Д.Г. (29), В.Б. (30), 16-годишен малолетник од скопско и 25-годишен државјанин на Турција со престој во Скопје. При полициски преглед кај нив биле пронајдени бела грутчеста материја, марихуана и нож.

Во Затворот Идризово, при претрес на осуденикот М.А. (53) од Скопје, кој се вратил од викенд-отсуство, затворските службеници пронашле бела прашкаста материја и таблети, по што случајот бил пријавен во полиција.

На граничниот премин Табановце, при влез во државата, бил приведен 26-годишен државјанин на Германија, откако при контрола на неговиот личен багаж во автомобил со германски регистарски ознаки била пронајдена марихуана.

Во Кавадарци, полицијата ги лишила од слобода двајца 44-годишни жители на градот. При контрола на автомобил „Фиат“, управуван од едниот од нив, кај возачот биле пронајдени бела прашкаста материја и марихуана.

Во Неготино, полициски службеници привеле 17-годишник, кај кого при преглед била пронајдена марихуана.

Во Тетово, пак, бил лишен од слобода 23-годишен жител на селото Лешок. При преглед на неговото возило, полицијата пронашла марихуана, дробилка, бејзбол палка и метален боксирач.

Од МВР информираат дека по целосното документирање на сите случаи против приведените ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни