Уште еден пациент почина како последица на западнонилска треска, со што бројот на смртни случаи од оваа болест се искачи на девет.
Како што информира директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана, станува збор за 66-годишен пациент со потврдена невроинвазивна форма на болеста. Пациентот бил хоспитализиран 28 дена и бил на механичка вентилација, а имал и повеќе придружни заболувања.
Досега на Клиниката биле хоспитализирани вкупно 66 пациенти со западнонилска треска. Во моментов се лекуваат 11 пациенти, од кои еден е со потешка клиничка слика.