На предвремените локални избори за градоначалник на Општина Брвеница, до 9 часот своето право на глас го оствариле 400 граѓани, односно 2,46 отсто од запишаните избирачи, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).
Според податоците на ДИК, излезноста е значително пониска во споредба со првиот круг од локалните избори во 2025 година, кога во истиот временски период гласале 860 избирачи, односно 5,33 отсто. Разликата изнесува 2,87 процентни поени.
„Излезноста на гласачите е 2,46 проценти, односно вкупниот број граѓани кои го оствариле своето право на глас во овој период е 400 гласачи“, соопштија од ДИК.
Податоци за излезноста се пристигнати од сите 24 избирачки места во општината.
Гласањето започна во 7 часот, а според информациите од избирачките одбори, сите избирачки места се отворени навреме. Изборниот процес засега се одвива мирно, без пријавени нерегуларности или проблеми со апаратите за биометриска идентификација на гласачите.
На предвремените избори право на глас имаат повеќе од 16 илјади граѓани, а за исполнување на законскиот цензус потребно е на гласање да излезат најмалку една третина од запишаните избирачи.
Граѓаните на Брвеница очекуваат новиот градоначалник да ги реализира ветените проекти и да продолжи со започнатите активности. Меѓу приоритетите што ги посочуваат жителите се изградбата на нова детска градинка, реализацијата на инфраструктурни проекти и подобрувањето на условите за живот во општината.
Во изборната трка учествуваат шест кандидати, од кои четворица се поддржани од политички партии, додека двајца настапуваат како независни кандидати.
Предвремените избори се распишани по смртта на досегашниот градоначалник Јовица Илиевски, кој почина во јули годинава.
Избирачките места ќе бидат отворени до 19 часот, по што се очекуваат првичните изборни резултати.