Значителен дел од граѓаните во Македонија се подготвени да се откажат од фискална сметка доколку за возврат добијат пониска цена на производот или услугата. Ова го истакна универзитетскиот професор Борче Треновски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, повикувајќи се на претходно истражување на УНДП.
Според професорот, резултатите покажуваат дека борбата против сивата економија не зависи само од институциите и компаниите, туку и од однесувањето на самите потрошувачи.
„Две третини од граѓаните, и ова е многу поразителен податок, кажале дека ако им се намали сметката, ќе се согласат да не земат фискална сметка“, истакна Треновски.
Тој посочи и на друг податок од истражувањето, според кој половина од испитаниците не знаеле да направат разлика меѓу фискална сметка и обично парагонче.
„Една половина од граѓаните кажале дека не разликуваат фискална сметка од парагонче, односно дали навистина им е издадена фискална сметка“, објасни професорот.
Според Треновски, ваквото однесување директно придонесува за неформалната економија, бидејќи овозможува дел од прометот да остане непријавен.
Последиците не се однесуваат само на ненаплатените даноци. Намалените јавни приходи значат и помалку средства за здравство, образование, инфраструктура и други услуги што ги користат граѓаните.
Професорот смета дека е неопходна поголема едукација на населението за значењето на фискалните сметки и за начинот на кој даночните приходи се користат во општеството.
„Мораме да влијаеме и на однесувањето на граѓаните, на нивната перцепција и преку ефикасноста на јавните услуги да им покажеме дека тие средства се вложуваат за нив“, порача Треновски.
Тој оцени дека зголемувањето на даночната дисциплина бара не само инспекциски контроли, туку и доверба на граѓаните дека парите што ги плаќаат навистина се користат за јавниот интерес.