Уште две лица од Куманово починале од коронавирус, соопшти градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Тој повторно упати апел да се воведат уште порестриктивни мерки во Куманово и да се скратат бирократските постапки и да се даде шанса да делуваат општинските структури.
Како што соопшти на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче, во изминатите 24 часа се регистрирани 15 нови случаи на пациенти со коронавирус во земјава, односно четири во Скопје, осум во Куманово и по еден во Тетово, Струга и Штип, со што вкупниот број на дијагностицирани достигна 570.
На Инфективната клиника починаа тројца пациенти – 40-годишен жител на Кочани, без познати минати заболувања, примен на 29 март, и двајца тетовци – 69-годишен човек кој имал тумор на мозокот и 65-годишен без познати други минати заболувања.
