Случајот со насилството врз 26-годишната девојка од Охрид е предмет на интензивна полициска и обвинителска постапка. Полицијата формирала посебен тим за целосно расчистување на настанот, а кај 31-годишниот К.К., против кого е поднесена кривична пријава, било измерено присуство на 1,29 промили алкохол во крвта.
Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, на денешната прес-конференција информираше дека веднаш по добивањето на пријавата биле преземени оперативни и други мерки, со цел брзо и целосно утврдување на околностите.
„Веднаш по добивањето на пријавата, СВР Охрид ги презеде сите оперативни и други мерки со цел навремено, брзо и целосно реализирање на пријавата, по што е оформен посебен тим од полициски службеници за целосно и брзо решавање на кривичното дело“, изјави Димоски.
Тој потврди дека кај лицето против кое е поднесена пријавата биле измерени 1,29 промили алкохол во крвта, поради што и по овој основ ќе следува соодветна кривична пријава.
Во рамки на истрагата биле земени изјави од оштетената и од пријавениот, како и од лица кои можат да имаат информации за настанот. Полицијата извршила и преглед на безбедносните камери, со цел да се утврдат околностите пред и по нападот.
„Сите мерки кои се преземаат се во координација со Јавниот обвинител. Извршен е целосен разговор со оштетената и со сторителот, како и анкети со лица кои се можни сведоци или имаат одредени информации за овој настан. Извршени се прегледи на безбедносни камери, сè со цел да се утврди вистинитоста на сите околности“, посочи Димоски.
Државниот јавен обвинител Ненад Савески претходно најави дека се очекува во текот на денот да биде донесена јавнообвинителска одлука. Тој нагласи дека правната квалификација ќе зависи од доказите, а особено значаен ќе биде исказот на девојката, со која надлежниот обвинител веќе бил во контакт.
Во меѓувреме, мајката на девојката, Ирена Ѓорѓиеска, преку социјалните мрежи изнесе дополнителни тврдења за случувањата пред и по нападот. Таа изрази вознемиреност поради тоа што осомничениот бил пуштен на слобода со изречени мерки на претпазливост и побара институциите темелно да ги испитаат сите околности.
Ѓорѓиеска тврди дека телефонот на нејзината ќерка бил намерно искршен за да не може да побара помош, како и дека осомничениот наводно побарал помош од својот татко, мислејќи дека девојката е мртва. Таа побара да се утврди дали имало обиди за прикривање на настанот или влијание врз постапката.
Според информациите од МВР, настанот се случил на 15 ноември, околу 2 часот по полноќ, по претходна расправија во домот на пријавениот, која продолжила во неговиот автомобил. Според пријавата, тој физички ја нападнал девојката, а откако го запрел возилото, продолжил со нападот, при што таа изгубила свест.
Девојката била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа и во Специјалната болница „Св. Еразмо“, каде ѝ биле констатирани тешки телесни повреди.
Против 31-годишникот е поднесена кривична пријава за „Тешка телесна повреда“ при семејно насилство. По барање на Основното јавно обвинителство, судот во Охрид му одредил мерки на претпазливост.
Од МВР информираат и дека во врска со случајот бил приведен и таткото на девојката, откако мајката на осомничениот пријавила дека тој упатувал закани кон нејзиниот син и семејството. И тој бил задржан во полициска станица, а против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.